ПО ПАТОТ НА ИСУС ХРИСТОС

Витлеем е најсветото место за христијаните каде што се родил Исус Христос. Просторот каде што е роден Исус е означен со сребрена ѕвезда со 14 краци
Според новиот завет, Исус Христос е роден во Витлеем. Овој град за христијаните е најсветото место, бидејќи таму се родил Исус Христос. Затоа, илјадници посетители доаѓаат тука да го видат и да се поклонат пред светото место и црквата “Раѓање на Исус Христос”. Овој храм постојано е доградуван низ разни периоди на историјата. Црквата го претставува творечкиот гениј на човештвото преку извонредните креации на библиските мотиви, содржини и ликови. Витлеем е особено преполн во деновите кога се слави Христовото раѓање. Тука Божик се слави три пати во годината. Католиците кои се собираат од целиот свет и Палестинците – католици го слават на 25 декември, (според Грегоријанскиот календар), православните христијани го слават на 7 јануари, (според стариот - Јулијански календар), и на крајот, верниците на Ерменската православна црква го слават на 19 јануари.
Инаку, Витлеем се наоѓа на десетина километри јужно од Ерусалим. За христијаните тоа е најсветото место. Не случајно се нарекува и Божикна престолнина на христијаните во светот, каде секоја година доаѓаат илјадници верници, посетители и туристи за да го прослават роденденот на Христос,  (за жал, оваа година не беше така заради целокупните состојби во државата). Евреите, пак, денес го нарекуваат Бетлехем, што на хебрејски значи “Дом на лебот”, според познатото предание на Рут од Маов и Боаз од Витлеем, од чиј брак се родил Овид, таткото на Јусеј, а тој е татко на Давид, кој подоцна бил поставен за крал. Значи, Витлеем е родниот град и на кралот Давид, а, според преданијата Исус требало да се роди во градот во кој што бил роден неговиот татко Јосиф и неговите предци.
 


        Денешниот град Витлеем е сместен во пределите на планината Јудеја и малку потсетува на селото од камениот рид од библиското време. Сепак, пасторалните предели не се сосема исчезнати, зашто во срцето на тие некогашни карпи денес постојат свети христијански места, цркви, манастири и други религиозни институции, како спомен на некогашната Божикна ноќ. Со тоа сè повеќе на Витлеем му се враќа религиозниот тон, а и на празникот на Христовото раѓање – Божик.
 
        Денес родното место на Исус Христос – Витлеем е град под палестинска автономија со околу 30.000 жители, а заедно со околните места тој број изнесува над 40.000 жители. Од нив 70% се муслимани, а 30% се христијани, а порано, над 80% од вкупното население во Витлеем биле христијани. Населението во овој град се занимава претежно со земјоделие и со трговија, но доста е развиен и туризмот.
 


        Некогашната пештера, издлабена во карпа е најсветото место на христијаните – Црквата на раѓањето. Таму, во 332 година, императорот Константин ги поставил првите темели и ја подигнал денешната црква “Раѓање на Исус Христос”. Од тоа време сè уште се зачувани мозаици, изработени во тој период, со голема уметничка креација и во разни бои што се прелеваат преку малите квадратчиња. Подоцна, низ бурната историја за превласт, црквата била срушена, а во времето на императорот Јустинијан повторно е обновена. Таа конструкција и архитектура со извесни подоцнежни доградувања во основа е зачувана до денес. Пристапот, влезната врата која е наречена “Врата на понижувањето” е многу ниска и посетителите симболично треба да се чувствуваат како да влегуваат во пештера.
 
        Местото на самото раѓање на Исус Христос е во карпата до која се доаѓа по подземни кружни скали. Најсветото место на раѓањето денес е означено со сребрена ѕвезда со 14 краци, кои ги претставуваат 14-те родови од Аврам до Давид, 14-те родови од Давид до Вавилонското царство и 14-те родови од Вавилонското преселување до Исуса Христа. Близу до сребрената ѕвезда се камените јасли во кои Марија го оставила Исус откако го повила. Постојат тврдења дека првите камени јасли, оригиналните од библискиот период, во времето на крстоносците биле пренесени во Рим.
 

        Во долгиот период на посети на христијани од целиот свет на најсветото место се забележани бројни случки, меѓу кои онаа кога во 1850 година внатрешноста на Базиликата кај подземната карпа горела од запалени кандила и свеќи. Тоа било повод Наполеон ИИИ да постави ѕид од азбест што постои и денес. Инаку, Базиликата “Раѓање на Исус Христос” е поделена на три доминации и денес заеднички ја раководат ерменски, грко-ортодокси и римокатолички свештеници. За секој од нив посебно има одредени часови за молитви. И сите дојденци и посетители, христијани, за кои ова место е најсвето, тука палат свеќи и искажуваат желби и молитви, затоа во минатото овој простор бил преполн со посетители. Кога ние го посетивме ова свето место, црквата беше скоро празна. Го посетивме делот каде што служат грчките свештеници и, кога свештеникот разбра дека сме дојденци од Македонија, заборави дека тој му служи на Бога и реагираше нехристијански, кога го фотографиравме владичкиот трон. За среќа, тука сретнавме ерменски свештеник, кој служи во Ерменската православна црква и кој љубезно се однесе кон нас, како кон христијани. За возврат ние му дадовме подароци, меѓу кои репродукции на икони и фрески од македонските цркви, особено од Охрид, како и еден Библиски речник, за што тој срдечно се заблагодари.
 
Денес во Витлеем не живеат Евреи, но таму има едно место што муслиманите им го оставиле за молитва, и само таму има израелска војска. Тоа е местото каде се наоѓа гробот на мајката Рахел, за која, според традицијата се вели дека заедно со Лија го издигнала домот Израилев. До него денес се стигнува преку подземен тунел.
 
        Исто така, Витлеем, родното место на Исус е познато и по двата аквадукти кои постојат и денес. Преку нив е донесена вода од Соломоновите басени во Ерусалим. Надлежните фактори во овој град денес посебно значење му даваат и на развојот на туризмот, за што во последните неколку години, (со исклучок во 2000-та година), Витлеем с# повеќе добива религиозен тон, со посетатата на голем број луѓе од многу земји во светот. Затоа, во Витлеем денес има голем број работилници и продавници за разни сувенири. Овде можат да се купат најубавите сувенири и украсни предмети изработени од маслиново дрво и керамика до симболи од библиското време и животот во пустината.
 

        Во непосредна близина на местото на некогашните полиња на овчарите е “Црквата на овчарите”, што е свето место за христијаните. Според библиските преданија од Новиот завет, во карпата каде што ноќевале овчарите и стадото пред околу 2000 години, ангелот Господов дошол и им ја кажал првата вест за раѓањето на Божјиот син. Целата внатрешност на црквата е со мотив од библиските преданија, со статуи на овчари и овчарско стадо, со огништа, карпа, како остаток од некогашната и светлива ѕвезда, што го симболизира ангелот Господов.
 
 
 
Раѓањето на Исус Христос
 
        Според библиските преданија од Новиот завет, Исус се родил во Витлеем, зошто Марија и Јосиф, кој е роден овде, требало да дојдат за попис на населението од Назарет во Витлеем. Во тоа време во Римското царство секој жител на Јудеја морал да плаќа такси, но, тој требало прво да се регистрира во родниот град. Затоа, Марија и Јосиф се упатиле од Назарет кон Витлеем со мало сиво магаре. По долгиот правлив и каменест пат, преспивајќи по карпестите предели, конечно едно утро пристигнале во градот. Не можејќи да најдат место за спиење, зошто било преполно со луѓе кои дошле заради пописот, отседнале кај еден гостилничар, кој се сожалил на трудната жена и им ја дал за ноќевање шталата со добиток. Во тој простор во пештерата, ноќта меѓу сабота и недела, на 25 декември (стар стил) или седми јануари (нов), Пресвета Богородица го родила Спасителот на светот, Господ Исус Христос. Раѓајќи го без болка, како што го зачнала и без грев од Светиот Дух, а не од човек, таа му се поклонила како на Бог и го положила во јаслите. Му се поклонил и праведниот Јосиф, како на Божествен плод на девичанската утроба. Упатени од Божјиот ангел, дошле и овчарите од полето и му се поклониле како на Месија и Спасител, слушајќи ја песната на ангелите: “Слава во висините на Бога, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја”. Во тоа време стигнале и тројцата мудреци од Исток, водени од чудесната ѕвезда, поклонувајќи му се како на Цар на царевите. И, додека ангелите му ја подариле најубавата химна, а пастирите својата срдечна простота и невиност, мудреците му принеле дарови – злато, преку кое го изразиле богатството на својот дух, а кое ја означува Неговата царска служба, смирна – што ја означува Неговата првосвештеничка служба и ливан – што ја означува Неговата пророчка служба.
 
             Подоцна таа ноќ, тројцата мудреци сониле чудесен сон. Ги посетил ангелот и ги предупредил да не се враќаат во палатата на Херод, бидејќи тој немало да остане на ветеното, туку имал намера да го повреди новородениот крал. Кога следното утро откриле дека сите тројца го сонувале истиот сон, решиле да го послушаат ангелот и да не се враќаат во Ерусалим, користејќи друг пат за дома. Но, пред заминување уште еднаш се упатиле кон шталата, каде што веќе биле дојдени и овчарите. Исполнети со радост во шталата што блескала во прекрасна светлина и која била исполнета со песната на ангелите, тие клечеле околу камените јасли со молитва за благодарност на новородениот, кој ќе го спаси светот од злото.
 

        Раѓањето Христово во пештера не беше случајно, туку за да покаже дека целиот свет е една темна пештера која само Тој може да ја осветли. Во Витлеем се роди Господ Исус Христос, а Витлеем значи Дом на лебот, за да покаже дека само Тој е единствениот леб на животот, достоен на вистинските луѓе. Во Црквата велат дека Христос се родил како бездомник, во очекување нашите срца и души да му бидат дом и засолниште и токму тогаш, кога ќе се роди во нас, дури тогаш ќе настапи ветениот мир на земјата  и добрата волја меѓу луѓето.