ТРЕНИРАШЕ НА БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ, А СЕГА ИГРА ЗАЕДНО СО ЛЕБРОН ЏЕЈМС

До врвот во кошарката наречен НБА, не се стигнува со врски и со легачење по плажи, туку со напорни тренинзи цел летен распуст и тоа со постарите. Патот на Џеди Осман од Охрид до Кливленд за Офф.нет го раскажуваат Весна и Исмаил, тренери во КК Колибри каде Џеди тренирал за време на летните распусти.
Ако луѓето од македонската кошаркарска репрезентација не беа инертни и повнимаваа малку повеќе на нашиот подмладок кој нѝ бега во странство, сега за детево ќе се пишуваше како за Антиќ и ќе имавме уште еден македонски репрезентативец во НБА.
 
Вака останува да се гордееме дека по Перо имаме уште еден нашинец во најквалитетната кошаркарска лига во светот, кој има и турско и македонско државјанство, но го носи дресот на селекцијата на Турција.
 



Пред три години пишувавме дека МВП на Евробаскетот за играчи до 20 години е дете со потекло од Македонија, кое му го донесе на турскиот национален тим првото злато во оваа категорија. Една година претходно го освои златото и со тимот У-18.
Потоа се етаблираше во Евролигата каде со тимот на Ефес настапуваше четири сезони, а минатиот месец на Европското првенство, на кое Турција беше една од четири земји домаќини, на два пати беше најдобар поединец. Прво против Русија со 28 поени, 7 скока и 4 асистенции, а потоа и против Латвија со 24 поени и 5 асистенции.
 
Џеди Осман (22), по татко Турчин, по мајка Босанец живеел до 4 години во Охрид спроти пазарот, а потоа со семејството се преселил во Сараево и почнал да тренира во КК Босна, од каде на 12 години заминува во Ефес. Кој е всушност Џеди и како стигна до Кливленд Кавалиерс нѝ раскажаа Весна Балазоска Милошевиќ и Исмаил Даут кои го тренирале во КК Колибри за време на летните периоди.
„Џеди го познавам од неговата 7-ма година и уште од тогаш му претскажав светла иднина во кошарката и големи дострели, бидејќи на негова возраст поседуваше изворедна техника, карактер, феноменален осет за асистенции, а пред се поседуваше високо ниво на домашна култура, која ја споделуваше и со нас тренерите. Секојдневно сакаше да тренира по цел ден, да научи нешто ново, да си надигрува со нас тренерите. Престиж секое ново лето му беше да ме победи во играта еден на еден, бидејќи и јас имав блескава играчка кариера, но нашата партија се уште е останата на 1:0 за мене. Му ја посакувам целата спортска среќа, да го продолжи патот кој успешно го трасира, и да не направи нас Охриѓани, а и сите Македонци горди, а пред се и претпознатливи на светската кошаркарска сцена“, вели Весна.




Повеќе за него од разговорот со Исмаил кој освен тренер, му паѓа и втор братучед.