Притвор за Арнаудов и Мукоски

Судија на претходна постапка им изрече мерка притвор на пратениците Љубен Арнаудов и Крсто Мукоски по извршениот распит во кривичниот суд во Скопје. По одлуката на судот, тие со лисици на рацете беа спроведени во Истражниот затвор „Скопје“.

Се очекуваат одлуки и за другите четворица пратеници, кои утринава дојдоа на распит во судот за настаните во Собранието на 27 април. На распит во судот беа повикани Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски, Крсто Муковски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски.

Пратеникот Кристо Мукоски пред влегување во судот кратко пред медиумите рече дека верува во судот и посочи дека нема правна основа да му биде определена мерка притвор. Пратеникот Сашо Василевски, пак, на прашањето на новинарите што очекува денеска, само кусо се заблагодари на поддршката од медиумите.

Тие се дел од 36-те лица што Основното јавно обвинителство ги гони за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.

Извор: MakFax.com.mk