Коцка , коцка , коцкица снимнеа во Охрид во седумдесеттите години од минатиот век

Генерациите кои растеа во седумдесеттите и осумдесеттите години во Македонија сигурно ја паметат детската емисија на тогашна Телевизија Белград  „Коцка , коцка, коцкица “ и легендарниот водител Бранко Коцкица.

Генерации деца растеа со оваа образовна програма, а на официјалниот Јутуб канал на денешна Телевизија Србија се објавени сите епизоди од овој серијал меѓу кои и епизодата за Охридско Езеро.

Во епизодата покрај Бранко Коцкица се појавуваат и две деца Даниела Ристевска и Херо Зуфи кои го придружуваат Коцкица, а нив по езерото ги вози рибарот Илија Крстевски.

Дејствието почнува на втората плажа во Градиште која воопшто не е урбанизирана и е целосно природна. Потоа продолжува во Пештани од каде децата и Коцкица одат со рибарот Илија д ловат риби на потегот помеѓу денешен Десарет и Градиште, а тука се објаснува и како се бели платното.

Дејсвието продолжува во близина на некогашното Студенчишко Блато каде може да се види како тогаш пред речиси 40 години изгледал овој дел од езерото.

Натаму емисијата продолжува во градот, кај плажите кај Канео, од каде екипата оди на Плаошник ( тогашен Имарет ) каде настапува фолклорниот ансамбл „Бисери“, групата „Охридски Трубадури“ и „Архила“.

На крај рибарот Илија објаснува како се готви риба, а Коцкица и децата го посетуваат и истекот на Дрим во Струга.

Емисиајта сигурно ќе побуди многу спомени кај генерациите кои во тоа време биле деца.