Ердоган: Велика Британија е вистински пријател на Турција

Велика Британија е сојузник, стратешки партнер, но и вистински пријател на Турција, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во Лондон, каде допатува синоќа во тридневна посета.

Обраќајќи се на форум посветен на британско-турските односи, Ердоган нагласи дека Владата на Велика Британија во јули 2016 година веднаш го осуди обидот за воен удар во Турција.

– Турција никогаш нема да ја заборави таа солидарност, истакна Ердоган.
Тој во обраќањето оцени дека билатералната соработка меѓу Анкара и Лондон особено е зголемена по ланскиот уставен референдум во Турција, на кој мнозинството граѓани ги поддржа измените на турскиот Устав со кои досегашниот парламентарен систем се заменува со претседателски.

Ердоган нагласи и дека длабоките врски меѓу двете земји најдобро се гледаат во трговијата и остварувањето на заедничката цел – зголемување на билатералната трговска размена од 16 на 20 милијарди долариа, но и во зајакнување на соработката во сферата на одбраната.

Во рамки на посетата на Велика Британија, Ердоган утре ќе се сретне со кралицата Елизабета Втора и со британската премиерка Тереза Меј, со која, според најавите, ќе разговара за „билатерални, регионални и меѓународни теми“.

Се очекува Меј и Ердоган да разговараат за преговорите околу Кипар, како и за „заеднички акциски план“ за Блискиот Исток, пред се за Сирија, Ирак и Иран.