Заев ја почнува посетата на Софија, во фокусот средбата со Ципрас

  „Демократија што испорачува: Десет години после откочувањето на потенцијалите на Западен Балкан“ е темата на која премиерот Зоран Заев ќе говори денеска на конференција во Софија, со што ќе ја почне својата посета на главниот град на Бугарија, кој утре е домаќин на Самитот ЕУ- Западен Балкан.

Конференцијата на која ќе говори премиерот е во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и на тинк-тенк организациите Центар за демократски студии и Балканскиот европски фонд, како и на Самитот на лидери и шефови на влади на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), а е дел од активностите на Заев во Софија, кој ја предводи владината делегација на самитот.

Поврзаност во транспортот, енергијата и дигиталната инфраструктура, образованието и други аспекти се теми на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, а кој се одржува во организација на бугарското претседателство со ЕУ. На самитот ќе присуствуваат лидерите на државите-членки на Унијата и од регионот. Со самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој ќе ја претставува ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

Премиерот Заев во придружба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе учествуваат во активностите на официјалната агенда на Самитот на 17 мај.

Во фокусот на вниманието е најавената средба меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Заев и Алексис Ципрас, која треба да се одржи утре на маргините на самитот и која иако беше најавувана како клучна во процесот на решавање на спорот за името, сепак, последните изјави и од македонската и од грчката страна се проткаени со воздржаност дека токму оваа средба ќе вроди со конечен договор за името.

– Сакам договор за мојата земја, оптимист сум и еден од првите луѓе кој го сака тоа, но неможам да кажам дека имаме договор за прашањето за името, изјави вчера Заев и изрази надеж дека двете страни ќе постигнат договор.