УСС Џералд Р. Форд – најскапиот воен брод во светот (ВИДЕО)

Носачот на авиони на американската воена морнарица „Џералд Форд“ е најсовремениот носач во американскиот арсенал, а воедно и најскап воен брод во светот. И тукушто стана уште поскап.
 

Носачот УСС Џералд Форд во моментов е во финалната фаза на тестирањето, а по корекцијата на одделни проблеми идентификувани за време на тестирањата, во неговиот развој ќе треба да се вложат дополнителни 120 милиони долари.

Со тоа трошоците околу најсовремениот воен брод во светот ќе ја надминат сумата од 12,9 милијарди, колку што одобри американскиот Конгрес.

Повеќето пари се потребни за поправки на одредени компоненти кои се оштетени за време на последните тестови. Наместо кабли и јажиња, на бродот се користат специјални дигалки кои ги транспортираат бомбите на палубата за полетување, каде се монтираат во авионите.

Дизајнирани се за да можат многу повеќе од досегашните дигалки, а целта е се забрза процесот на товарење и растоварување на бародот.

Првичните тестирања на електромагнетниот катапулт во 2015 година не беа успешни, а тоа беше само еден од проблемите во програмата која многумина ја критикуваа поради низата пробивања на буџетот и роковите.

Иако новото зголемување на трошоците не е поврзано со електромагнетниот катапулт, тоа е нов чекор наназад во моменти кога бродот влегува во последната фаза од своето тестирање пред официјално да влезе во воена служба во 2022 година.

Извештајот на Пентагон од јануари 2018 откри дека овој 100.000 тони тежок воен брод е полн со проблеми на критичните системи, вклучувајќи го катапултот кој ги лансира авионите, опремата која ги „фаќа“ при слетување и радарските системи. Поради тие недостатоци „бродот е почувствителен на напад и поради тоа е и ограничен при рутински операции“, се тврди во извештајот.

Останатите проблеми се од секојдневна природа, но укажуваат на што треба да се обрати внимание при изработката на нов воен брод, како на пример недостигот на кабински простор за екипажот.

Носачот ќе мине низ уште едно дополнително тестирање на море (она што американската морнарица го нарекува „post-shakedown maintenance availability“, кон средината на јули, за да се „инсталираат преостанатите борбени системи, да се завршат одложените работи и да се нагодат преостанатите отстапувања“.

Пред својата прва воена задача, Форд ќе мине низ тестирања кои вклучуваат детонација на експлозив во вода покрај бродот. Морнарицата во 2016 во близина на бродот УСС Џексон фрли три експлозивни направи тешки неколку илјади килограми за да види како реагира бродот на блиски подводни детонации.

Најновиот американски носач на авиони е првиот нов дизајн на ваков брод во последните 40 години. Тој е долг 335 метри, а според податоците на американската морнарица вооружен е со четири ракетни системи за одбрана, два радарски наведувани топа со калибар 20 милиметри, како и четири митралези со калибар 12,7 милиметри. На бродот има место за повеќе од 2.600 членови на екипажот и 75 авиони.