Боливија гради музеј на дното на езерото Титикака

Боливиските власти ќе изградат музеј на дното на езерото Титикака во вредност од 10 милиони долари по откривањето на неколку илјади археолошки предмети во длабочините на езерото, соопшти Министерството за култура на Боливија.

„Тоа ќе биде туристички, но и археолошки, геолошки и биолошки центар и ќе биде единствениот таков во светот“ велат од министерството.

Подрачјето на езерото Титикака, кое се протега на површина од 8.562 квадратни километри меѓу Боливија и Перу, е колевка на разни култури кои се од преколонијалната ера, пишува N1info.

Последните години во длабочините на езерото се пронајдени речиси 10.000 археолошки предмети од коски, метал и керамика, меѓу кои и кујнски прибор од времето на старите цивилизации.

Музејот ќе се наоѓа на околу 100 километри од главниот град на Боливија.