Го следеа цел месец, го претепаа пред девојка му, а напаѓачите се заштитени од државата – потресна исповед на другарите на Никола

Дваесет и едногодишниот Никола Саздовски, кој крвнички беше претепан пред десетина дена во скопската населба Автокоманда, вчера рано наутро им подлегна на повредите.

Другарите на Никола со неверување ја примија трагичната вест. Тие до последен момент веруваа оти нивниот Саздо ќе успее да се избори за живот.

-Под апчиња сме, немаме зборови. Не е можно ова да се случува… Саздо беше другар и пол, имаше срце како планина, верувавме дека ќе успее да се спаси, велат другарите на момчето, пренесува „Независен“.

За починатиот другар од Кисела Вода велат дека секогаш прв истапувал кога требало да се заштити некој пријател, бил храбар и непоколеблив. Во семејството Саздовски биле три деца, сега другите две ќе мора да го носат споменот на Саздо и да ги направат горди родителите.

-Ги знаеме кои се напаѓачите, од Чаир се, заштитени се како бели мечки од државата. Цел месец нѐ следат, ни се закануваат по Фејсбук и по СМС-пораки. Пред некоја недела избодеа со нож едно наше дете. Сега го чекаа Саздо. Го нападнаа кукавички додека беше со девојката. Чекале автобус на станица, застанал Мерцедес, излегле три-четворица и го нападнале со тупаници, боксови, па дури и со нож. Му ги скршиле ребрата, тој паднал на асфалтот, со главата удрил на тротоарот. Напаѓачите побегнале, а на Саздо дури тогаш му пришле луѓе да му помогнат – гневни се неговите пријатели, пренесува „Независен“.

Всушност, токму по реакцијата на „Комитите“, случајот излезе во јавноста. Од Министерството за внатрешни работи најпрво не информираа за инцидентот, а потоа го ставија во својот билтен, посочувајќи ги истите информации што ги имаа во вчерашната изјава.