Денеска Македонија очекува покана за НАТО со услов за исполнување на Договорот од Преспа

Македонија на Самитот на НАТО што ќе се одржи денеска и утре во Брисел очекува покана за пристапување кон најголемиот воено-политички сојуз во светот, со што ќе се отвори патот да стане негова 30. земја-членка. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг очекува дека по договорот со Грција, Македонија ќе биде поканета да почне со преговори за членство во НАТО.
 

На самитот ќе присуствува владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, кој во Брисел ќе пристигне од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Лондон, каде изјави дека очекува покана во НАТО.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг очекува дека по договорот со Грција, Македонија ќе биде поканета да почне со преговори за членство во НАТО.

„ Очекувам дека по историскиот договор постигнат минатиот месец за спорот со името, ќе го поканиме Скопје да почне со преговори за членство. Кога договорот ќе биде финализиран и имплементиран, ќе можеме да ја поканиме поранешната југословенска Република Македонија да стане 30. членка на НАТО под нејзиното ново име, Република Северна Македонија. Ова е сигнал дека портата на НАТО е и ќе остане отворена, изјави синоќа на прес-конференција Столтенберг“, јави дописничката на МИА од Брисел.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска непосредно пред Самитот на НАТО во Брисел со видео–изјава до граѓаните на Република Македонија потенцира дека овие два дена Македонија ќе седне на иста маса со светските велесили.