За ракијата од казани ќе се плаќа акциза од 30 денари по литар

Министерството за финансии го објави Предлог-законот за акцизите кој е во фаза на подготовка. Земјоделците кои од овошје и грозје произведуваат жестоки алкохолни пијалоци ќе смеат во текот на годината да произведат најмногу 1.000 литри чист алкохол. Според предложените измени, на произведената количина се плаќа акциза од 30 денари по литар жесток алкохолен пијалок со просечна јачина од 45 отсто. Според одредбите, земјоделците кои сакаат да прават ракија од грозје или од друго овошје и производот да го продаваат, должни се да се регистрираат во Царината.

 

„Целта на Предлог-законот е усогласување со директивите на Европската Унија од областа на акцизите. Воедно, во Предлог-законот се предлагаат нови системски решенија кои ќе стапат во сила со денот на применување на Предлог-законот, модифицирани системски решенија во однос на постојниот Закон за акцизите кои ќе стапат во сила со денот на примена на Предлог-законот, како и нови системски решенија кои ќе се применуваат со влез на Република Македонија во ЕУ“, посочуваат од Министерството за финансии.