Торба полна со вибратори го затвори аеродромот во Берлин

Торба полна со сексуални играчки го затвори аеродромот во Берлин. Надлежните, мислејќи дека вибраторот е бомба, делумно го затвориле аеродромот, а напомош била повикана и специјалната единица за експлозивни направи. Сепак, проверките покажале дека не станува збор за ништо друго, туку за разни сексуални помагала.

Како што јавуваат агенциите, аеродромот „Шенефелд“ во Берлин бил делумно затворен денеска. Вработените на аеродромот, спроведувајќи ги рутинските скенирања на багажот на патниците, забележале сомнителна содржина во еден куфер, соопшти федералната полиција.

Бидејќи од првичното скенирање не било јасно за што станува збор, бил вклучен алармот и бил затворен еден дел од аеродромот, а полицијата го испитувала багажот.
 

Сопственикот на куферот бил повикан преку озвучувањето за да се разреши мистеријата. Сепак, тој одбил конкретно да објасни што има во куферот, најверојатно, поради срам да каже што носи со себе. Спроед портпаролот на федералната полиција, сопственикот рекол дека во куферот носи техничка стока.

 

Аеродромските служби повикале тим за бомби, кои еден час го разгледувале багажот пред да сфатат дека станува збор за секс-играчки. Напладне терминалот Д повторно бил пуштен за патниците.

Овој инцидент следува по евакуирањето на аеродромот во Франкфурт, најфреквентниот аеродром во Германија, кога семејство што наводно носело експлозив било пуштено да ја напушти безбедносната зона.