Флоренс пристигна до САД: хаосот почна, прекини на струјата и масовна евакуација

Ураганот Флоренс стигна до брегот на Јужна и Северна Каролина, носејќи силни ветришта и обилни дождови, јавуваат американските медиуми.
Морската вода веќе стигнала до куќите во Авон, град во Северна Каролина, а има и извештаи за материјална штета. Врнежите кои надворешниот дел на ураганот ги донел до брегот ги поплавиле патиштата, а во некои делови се излиле и реки. Околу 12.000 објекти, главно на брегот на Северна Каролина се без електрична енергија.
Иако ураганот се спушти на 2 категорија, тој останува опасен и непредвидлив, предупреди американскиот Национален центар за урагани. Се предвидува со сета сила денес наутро по локално време да удри по Кејп Фир во Северна Каролина и да донесе исклучително обилни врнежи, јавуваат агенциите.
Компанијата Дјук енерџи, најголемата мрежа за електродистрибуција во Северна и Јужна Каролина, предвидува дека поради ураганот Флоренс од прекин на електричната енергија ќе бидат погодени меѓу милион и три милиони потрошувачи.

Ангажирани се над 20.000 работници кои ќе работат на воспоставување на снабдувањето со струја.

Градоначалникот на Бјуфорт во Северна Каролина, Еверет Њутон, истакна дека веќе е доцна за евакуација и дека жителите треба да најдат безбедни засолништа во кои ќе останат до прекинот на опасноста.
Вчера претседателот на САД Доналд Трамп кажа дека заштитата на животите е највисокиот приоритет и ги повика оние кои живеат на патот на ураганот да се евакуираат. Тој додаде дека Флоренс би можел да биде „еден од најсилните урагани кои кога било го погодиле американскиот Источен брег“.
Над десет милиони жители во три американски држави се предупредени на опасноста од ураганот Флоренс, соопшти американската Национална метеоролошка служба.