Бектеши: По Скопската чаршија, и на Битола и на Охрид им овозможивме да ги разубават излозите на чаршиските дуќани

Со пригодна церемонија, министерот за економија, Крешник Бектеши, ги потпиша договорите со општините Чаир, Центар, Битола и Охрид за имплементација на проектот „Ревитализација на излозите на старата чаршија“.

„Целта на проектот за уредување на излозите во старите чаршии во државата е враќање на автентичниот изглед на чаршиите, а воедно и нејзино разубавување и привлекување што поголем број посетители и туристи. Ние во рамките на Програмата за развој на туризмот за 2018, предвидовме, по Скопската, да ја прошириме оваа активност и на другите чаршии, и тоа во соработка со општините на чија територија се наоѓаат тие. За реализација на овој проект годинава обезбедивме буџет од 16,5 милиони денари, а преку јавен повик беа поканети општините Чаир, Центар, Битола, Охрид и Струга да аплицираат, притоа запазувајќи ги условите од самата техничка документација и предмер-пресметките, кои ги дистрибуиравме до нив. На повикот пристигнаа 182 апликации, а условите во согласност со повикот исполнија 160 дуќани, од кои 115 од Скопската, 38 од Битолската и 7 од Охридската чаршија. За жал, од Струшката чаршија не добивме апликации“, рече министерот Бектеши.

Тој додаде дека општините ќе имат рок од една година за имплементација на споменатите активности, а дуќанџиите немаат никаква обврска да партиципираат нивни средства, односно сите средства се обезбедени од страна на Министерството за економија, како и дозволите од надлежните институции одговорни за чаршиите, како што се Министерство за култура и конзерваторските центри.