Заедничка прослава во Прилеп за 11 Октомври

Со бројни манифестации Прилеп вчера и денеска го одбележува празникот 11 Октомври - Денот на оруженото востание во НОБ и Револуцијата.

Во чест на празникот вчера во центарот на градот ќе биде отворена манифестацијата „Денови на медот“. Во текот на денот, кај Домот на културата „Марко Цепенков“ се одржа и крводарителска акција во организација на Црвениот крст од Прилеп.

Традиционалните манифестации во пресрет на празникот почнаа синоќа. Во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ е отворена изложба на уметниците Катерина Деспот и Васка Сандева.

Во чест на празникот на свеченоста од пред меморијалниот музеј „11 Октомври“ за значењето на празникот говореа премиерот Зоран Заев и градоначалниците на Куманово Максим Димитриевски и на Прилеп, Илија Јованоски со што и официјално прв пат беше означена заедничката прослава на празникот на двата града. 
 

„Должни сме да преземеме одговорност за Македонија да биде дом на слободата на сите нејзини граѓани, како нова ѕвезда во европското соѕвездие. Денес сме повторно пред историски избор: оваа генерација треба одлучно и храбро да го направи исчекорот за нашата стратегиска цел во оваа фаза од нашата историја - егзистенција за секого, европски животен стандард, осигурани граници, безбедност и стабилност, признаен идентитет. Сето ова преку членство во НАТО и во ЕУ“, рече Заев.

Пред 77 години, рече Заев, нашите државотворни предци направиле избор и го кренале  гласот Македонија да ја направат дом на слободата, победник над фашистичкото зло.

„Презедоа одговорност, избраа да изградат држава, светилиште на слободата, по цена на живототите и ја ставија на пиедесталот на новата држава, како подарок и како завет за сите идни генерации, никогаш да не ја изгубат и да не ја доведат во прашање. Ние денеска им оддаваме должна почит на тие храбри државотворни луѓе кои им дарија држава на идните генерации да ја чуваат, да ја негуваат и да ја развиваат“, рече Заев.

За него празниците се добар момент да се запрашаме: како да го зачуваме она што го наследивме и како од Македонија да направиме подобра држава.

„Секоја генерација е должна да ги проширува видиците и да реагира тогаш кога некој го блокира и го оневозможува развојот. Оваа должност најмногу им припаѓа на политичките лидери, на народните избраници. Нашите претходници што ја извојуваа слободата не ни ја дадоа за да ги делиме луѓето.  Должни сме, на сите наши деца да си го видат сопственото место во домот - Република Македонија. Да преземеме одговорност за Македонија да биде дом на слободата на сите нејзини граѓани, како нова ѕвезда во европското соѕвездие. Денеска сме повторно пред историски избор: оваа генерација треба одлучно и храбро да го направи исчекорот за нашата стратегијска цел во оваа фаза од нашата историја - егзистенција за секого, европски животен стандард, осигурани граници, безбедност и стабилност, признаен идентитет. Сето ова преку членство во НАТО и во ЕУ“, истакна Заев.

Прославата синоќа беше заокружена со традиционалниот импровизиран напад на градот, како потсетување на историските настани од 1941-та и со богат огномет

Денеска ќе им биде оддадена почит на загинатите борци, народни херои и дејци и на сите што ги дале своите животи во НОБ и Револуцијата. Делегации ќе положат свежи цвеќиња пред спомениците на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, на идеологот на НОБ и Револуцијата, Кузман Јосифоски Питу што се во центарот на Прилеп и на Могилата на непобедените, каде се моштите на 650 загинати борци од НОБ, како и пред бистите на народните херои.

Денеска ќе се одржи и одбојкарски турнир на спортските ветерани во салата од средното училиште „Ѓорче Петров“, а од 13 часот, прв пат пред и во Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржи уличен фестивал насловен „Со Марко на улица“.