Сеул како мека на неверојатни градежни потфати

Пишувањето за урбаниот развој на Сеул е недвосмислено тешка задача. Главниот град на Јужна Кореја со своите над 10 милиони жители, односно со вкупната популација од 25,6 милиони жители што живеат во целокупната околија, е невозможно да се опише во неколку десетици редови. Станува збор за четврта по големина метрополитен економија во светот, поголема од оние во Париз или Лондон, која што опфаќа и густина на населението двојно поголема од Њујорк. Ако на ваквите факти го додадеме и податокот дека сиот развој на Сеул е производ на макотрпна работа од само половина век, тогаш логична е одлуката на редакцијата на „Билд“ во оваа репортажа да ве одведе до спознавањето на само неколку импозантни градежни потфати што ќе го отсликаат брзорастечкиот развој на Сеул.

Ако јужнокорејската метропола би можела да се спореди по нешто со Македонија, тогаш тоа е дефинитивно разорувачкиот карактер на воените судири што го уништувале градот во текот на дваесеттиот век. Историски гледано, Јужна Кореја со својата мала површина се наоѓа сместена помеѓу три големи сили што пројавувале империјалистички амбиции кон Корејците во децениите наназад – Кина од запад, Јапонија од исток и Русија од север. По три и по децениската окупација од Јапонија, Кореја успеа да ја стекне својата независност по Втората светска војна. Но, и тогаш таа остана поделена на советска и на американска зона на влијание, доведувајќи до создавање на двете поделени држави – Северна и Јужна Кореја. Сеул го доби своето сегашно име во разорната 1945 година. По само неколку години, овој специјален град беше една од првите мети за освојување при инвазијата на Северна Кореја на почетокот од 50-тите години. Една од најкрвавите војни во историјата на дваесеттиот век го остави Сеул целосно разрушен, со околу 200.000 уништени згради и со огромен наплив на сиромашно население од руралните делови на Јужна Кореја, чија бројка само до 1955 година ја достигнало сумата од над 1,5 милиони луѓе.

 

Со вакви катастрофални демографски услови, целосно разрушена инфраструктура и уништено историско јадро на градот, јужнокорејската метропола за пет децении успеа да се развие во еден од најзначајните светски метрополи – постана седиште на мултинационални компании, го изроди еден од најразвиените урбани транспортни системи во светот и успеа да впише дури три значајни локации на списокот на светското наследство на УНЕСКО од својот метрополитен. Со ваквиот паралелен развој, Сеул денес прерасна во еден од најзначајните финансиски, економски, културни, спортски и туристички центри во светот. „Чудото на реката Хан“ се засноваше на силен економски развој на семејните деловни конгломерати, меѓу кои најзначајни се „Самсунг“, „Хјундаи“ и „ЛГ“. Именувани со терминот „чаеболи“, овие конгломерати со помош на тогашниот авторитарен режим и приливот на долари од Јапонија и од САД успеаја да го започнат развојот на самоодржлива економија. Од овде почнува приказната за феноменалниот развој на Сеул.
Нашето патување низ Сеул го почнуваме токму од Гасан Диџитал Комплекс, лоциран во областите Гуро-донг и Гарибонг-донг во јужниот дел на градот, во којшто била изградена првата индустриска зона – индустрискиот комплекс Гуро. Морето од фабрики изградени во 70-тите и 80-тите години од минатиот век низ годините започнало да се џентрифицира. Како резултат на тоа, Гасан Диџитал Комплекс прераснал во вистински моден град на Сеул, со огромен број на продавници за облека и трговски центри што привлекуваат и до 200.000 посетители дневно. На местото на некогашните индустриски погони се развиле седиштата на мултинационалните компании од ИТ индустријата, вклучувајќи импозантни 8.000 компании со 120.000 вработени сместени на оваа локација. Некогашната огромна област начичкана со фабрики денеска е претворена во вистински рај за претприемачите – место каде што се создава приливот на капитал во најбрзорастечката индустрија, но и каде што се трошат тешко заработените пари.
Но, оваа кратка приказна за Гасан не е единственото чудо од промени во урбанистичкиот развој на Сеул. Вакви урбани трансформации, сретнати единствено во теоретските учебници, ги има во мал број метрополи низ светот. Една од бајковитите трансформации е Чеонгуечеон, која што претставува јавна рекреативна зона во должина од 11 километри во срцето на Сеул. Во 1968 година, на оваа локација бил изграден урбан автопат како значајна сообраќајна артерија на градот. Надземното бетонско здание беше срушено, а на неговото место во 2005 година беше изградена јавната рекреативна зона. На местото на срушениот автопат била изградена вештачка река, со урбано зеленило, пешачки патеки и простор за рекреација, што требало да биде еден од најзначајните проекти за борба против аерозагадувањето и влошените услови за живот како резултат на претераниот и пребрз развој на градот.

 

За да го забележите јужнокорејскиот чудовишен развој, не треба да одите подалеку од Сеул. Јеуиду е главниот финансиски округ во метрополата, сместен на голем остров на реката Хан. Како составен дел на Јеонгдеунго областа, една од вкупно 25-те области на кои административно е поделен Сеул, Јеуиду е седиште на огромни висококатници на најголемите јужнокорејски корпорации, финансиски институции, владини згради и општествени организации и медиумски куќи. Жителите на Сеул го нарекуваат овој дел на градот со едноставно име – „Вол стрит“.

 

Не помалку значајна е областа Јунг, која што претставува историскиот центар на Сеул. Означен како срцето на главниот град, во оваа област се наоѓа рекреативната зона Чеонгуечеон, најзначајната шопинг зона Муонгдонг и некои од најзначајните културно-историски објекти, меѓу кои е и древната палата Деоксугунг. За разлика од останатите квартови на Сеул, историскиот центар на градот е окарактеризиран со урамнотежен развој, којшто овозможува висококатниците да се сместат рамо до рамо со древните градби од долговековната корејска култура, но и значајните зданија зачувани од периодот на деветнаесеттиот и на дваесеттиот век, коишто стојат како потсетници на некогашниот урбан лик на метрополата.
 

Вистинска спротивност од него е огромната област Гангнам, која што претставува најелитниот дел од јужнокорејската метропола. Со своите 600.000 жители, лоцирани на само 39,5 метри квадратни, ова урбано ткиво е меѓународно познато по скапите недвижности и акумулираното богатство на тамошните жители. Неодамнешните пресметки покажаа дека становите во Гангнам чинат во просек по 10.000 евра за метар квадратен, што е премногу и за мнозинството жители на развиената Јужна Кореја. Концентрацијата на богатството довело до архитектонски развој на областа. Напливот од различни архитектонски стилови на денешнината е особено видлив околу главната авенија „Техеран-ро“.

 

Историјата на областа Гангнам не претставува симбол за некаков урамнотежен развој. Овој дел од Сеул бил најмалку развиен, со неретки трошни згради до почетокот на 80-тите години на минатиот век. Еден од првите најзначајни процеси на џентрификација во светот се случуваат токму овде, оформувајќи ја оваа област на Сеул во најлуксузна точка на градот. Тука се сместени деловни објекти на најзначајните корејски компании и трговски центри со луксузни брендови. За разлика од Гасан Диџитал Комплекс, која што била симбол за индустријализацијата на Сеул, Гангнам се развива како препознатлив лик на пост-индустријализацијата на оваа далечноазиска земја. Во 2010 година, токму во оваа област се одржа Г-20 Самитот на најразвиените држави во светот.