Легендарната видеоигра „Diablo“ пристигнува на смартфон

Американскиот произведувач и издавач на компјутерски игри, компанијата Blizzard, на конференцијата BlizzCon 2018 синоќа најави дека работи на креирањето на нова игра од франшизата „Diablo“, која ќе биде издадена како игра за мобилни телефони.

„Diablo Immortal“ е нова игра за мобилни телефони, а Blizzard ја најави уште во петокот, кога „Diablo 3“ стана достапна за Nintendo Switch. Се работи за MMO (Massively Multiplayer Online game), односно игра во која повеќе луѓе можат истовремено да играат онлајн.

Играчите ќе можат да им се придружат на други играчи во играта, за да бидат од помош за извршување на некоја од мисиите. Во играта ќе се најдат неколку херои, како што се класичниот волшебник, ловци на демони, негроманти, варвари и слично.

Играта ќе биде достапна за iOS и Android телефони. Според извештаите на оние кои присуствуваа на BlizzCon 2018, играта изгледа дека ќе биде хит. Цената и датумот на премиера и понатаму не се познати.