Почна втората фаза за менување на Уставот, власта и опозицијата со спротивставени ставови

  Со почетокот на седницата на Комисијата за уставни прашања на која се расправа за нацрт уставните амандмани стартуваше втората фаза од постапката за менување на Уставот на Република Македонија.

Седницата на собраниската Комисија почна вчера со обраќање на премиерот Зоран Заев, кој ги образложи четирите нацрт-амандмани, а продолжението е закажано за денеска во 11 часот.

Пред членовите на Комисијата, премиерот посочи дека предложените нацрт амандмани се во согласност со меѓународното право и меѓународните стандарди за човековите слободи и права, како и согласно интересите на Република Македонија  и нејзините перспективи во евроатлантските интеграции. Оцени дека нацрт-амандманите заслужуваат поддршка од сите пратеници во Собранието.

– Пратениците, со поддршка на иницијативата, ќе покажат дека се за европска иднина на Македонија, рече Заев пред Комисијата за уставни прашања.

За опозицијата пакетот уставни измени се носи без консензус, а пратениците немаат мандат да расправаат за измените на Уставот бидејќи референдумот бил неуспешен. Единствен излез од ситуацијата, според нив, е да се оди на нови избори. Дел од нив сметаат дека не треба да се менува името на државата во Преамбулата на Уставот, а Илија Димовски предложи дополнување на нацрт-амандманите со кое ќе се одреди нивниот рок на траење. Побараа и седницата на Комисијата за уставни измени да се пренесува во живо.