Тачи: Порадо би водел дијалог со ѓаволот отколку со Вучиќ

Претседателот на Косово Хашим Тачи изјави синоќа, пред денешното продолжување на дијалогот со Србија, дека порадо би водел дијалог „со ѓаволот отколку со претседателот на Србија Александар Вучиќ“.
 

Во интервју за приштинската агенција Косовапрес, Тачи ги оцени како тешки состаноците кои ги има со претседателот на Србија во дијалогот за нормализација на односите на Белград и Приштина.

Тачи ги повика претставниците на партиите на Косово да покажат поголема државничка свест за донесување што побрзи одлуки за политичкото претставување во дијалогот, на што поширока политичка основа.

Тој одби да ја коментира одлуката на косовската влада за воведување такса од 10 отсто за производите кои се увезуваат од Србија и Босна и Херцеговина и истакна дека секоја институција самостојно ги носи одлуките и сноси одговорност за нив.