Мистериозен Дедо Мраз во маркет ја платил вересијата на купувачите во износ од 30 илјади долари

Мистериозeн Дедо Мраз им ги разубави претстојните божиќни празници на стотици купувачи во американскиот град Кенет Сквер во близина на Филаделфија бидејќи ги испатил нивните сметки од купување на вересија, со вкупен износ од речиси 30 000 долари.

Агенцијата АП пренесува изјава на локалниот жител Енди Рамфорд, кој за весникот „Дејли локал“ кажал дека бил пријатно изненаден кога дошол да го плати својот долг од 150 долари во локалниот супермаркет „Волмарт“, но продавачката му рекла дека некој оставил чек од 29.000 долари со цел да се исплатат долговите на сите купувачи.

„Ова се гестови кои те поттикнуваат и ти да правиш добро за другите“, истакнал Рамфорд.

Неименуван претставник на „Волмарт“ за весникот рекол дека лицето кое го оставило чекот побарало да не се открива неговиот идентитет.