Втора јавна дискусија за нацрт-амандманите на Уставот

На првата јавна дебата за четирите нацрт-уставни амандмани во Владата на Република Македонија беа презентирани повеќе предлози и забелешки од страна на експертите од научната јавност и невладиниот сектор.

Премиерот Зоран Заев истакна дека постои отвореност и позитивни размислувања за прифаќање на одредени предлози изнесени на собраниската Комисија и на пленараната седница. Повтори дека амандманите нема да станат дел од Уставот доколку Грција не го усвои Договорот од Преспа и Протоколот за зачленување на Македонија во НАТО.
 
Денеска тој ќе се обрати на втората од петте јавни дискусии за уставните измени. Дискусијата ќе се одржи на  Универзитетот ФОН, каде говорници ќе бидат  и ректорот на Универзитетот Нано Ружин и универзитетскиот професор Темелко Ристовски, додека дискусијата ќе ја отвори и воведе деканката на Правниот факултет, Сејдефа Џафче. 
 
Во нацрт – амандманите, како што потсети синоќа Заев, се вградени предлози на осумтемина пратеници и посочи на одлуката уставните измени да стапат на сила само доколку Грција ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за наше членство во НАТО.
 
-Ние треба да побараме како Република Северна Македонија од грчката страна ратификација на  протоколот од НАТО оти така е опишано во самиот договор, а во суштина ние ќе бидеме Република Северна Македонија за меѓународна употреба откако Грција  ќе го ратификува и Договорот и  Протоколот од НАТО, рече Заев.
 

Грција мора, истакна тој, во ист ден или заедно паралелно  да ги ратификува конечната Спогодба  за решавање на спорот со името и протоколот за нашето членство во НАТО.

-Ова секако е дополнителна заштита за  нас. Секако доколку Грција не ги исполни своите обврски  тогаш нема да важат  измените на Уставот односно нема да стапат на сила и автоматски ќе се поништат, рече Заев.

Според Заев се повеќе граѓани го прифаќаат овој процес, но треба да им се објасни што после промената на името.
 
-Во овој процес нашиот народ се повеќе  и повеќе се охрабрува  во поддршка на преспанскиот договор  и рефлексијата од самиот договор  односно процедурите коишто  се случуваат во Парламентот, рече премиерот.
 
Професорот Љубомир Фрчкоски смета дека амандманите не ја загрозуваат граѓанската основа на државата, дека се прифатливи од аспект на идентитетските прашања и дека притоа некои делови се зајакнуваат дури и кога се споменуваат други етнички заедници, како и дека решенијата се во рамки на уставно-правните стандарди.
 
– Ако се остави зборот Македонија во членот 36, тоа има консеквенци, рече професорот додавајќи дека можеби треба да се размисли за терминот национално ослободителни војни за независна македонска држава.
 
Во однос на Преамбулата, според Фрчкоски, дилемата останува дали да остане само да се наведе Прогласот, бидејќи тој на некој начин го опфаќа Манифестот, или да се оди на конкретно набројување на документите, што би биле екстензивно, но можеби треба да се расправа.