Почина режисерот Љубиша Георгиевски

На 81 година утрово почина театарскиот и филмски режисер, драмски писател, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерска игра, Љубиша Георгиевски.

Тој е роден во Битола на 30 мај 1937-та година.

На македонската јавност и е познат и како кандидат за претседател во 1994-та година, беше амбасадор во Србија и во Бугарија и претседател на Собранието на Република Македонија од 2006-2008 година.

Дипломирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, група „Театар и радио режија”, во Белград, 1974.

Како театарски режисер, има поставено преку 160 постановки во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Романија, Полска и други држави, како и четири постановки во САД, каде на универзитетите во Јужна Калифорнија и Тексас предавал теорија на театарот и актерска игра.

Неговите претстави се играат на повеќе од десет јазици и истите гостувале ширум Европа, од кои позначајни гостувања се во Москва и Виена. Има објавено десеттина книги, а како филмски режисер има режирано четири филма.

Добитник е на повеќе од дваесетина награди во рамките на поранешна Југославија, како и наградата од критиката за претставата „Искушение” од Вацлав Хавел во Theater Center како најдобра претстава на театарската сезона.