Трета јавна дебата за нацрт-амандманите на Уставот

Третата јавна дискусија за нацрт амандманите за измени на Уставот на Република Македонија ќе се одржи денеска во амфитеатарот на МАНУ.

Како што соопштија од владината прес-служба, на дебата ќе се обратат вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Експертски осврт на дебата ќе дадат академик, Владо Камбовски и универзитетскиот професор, Светомир Шкариќ, а академик Таки Фити ќе го отвори настaнот и ќе ја модерира дискусијата.

Премиерот Зоран Заев вчера се обрати на втората дебата што се одржа на ФОН Универзитетот во Скопје на која истакнувајќи дека се повеќе граѓани го прифаќаат овој процес, заради обезбедувањето на европската и евроатлантската иднината на Република Македонија. Тој повтори дека амандманите нема да станат дел од Уставот доколку Грција не го усвои Договорот од Преспа и Протоколот за зачленување на Македонија во НАТО, како и дека со Договорот како никогаш досега, македонскиот идентитет и македонскиот јазик се заштитени.

Во врска со Амандманот 34, појасни дека во Преамбулата „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“ и се додаваат зборовите „Охридски рамковен договор“, со кои, како што напомена, се заокружува едно историско поглавје, кога се создадоа можностите за развивање на концептот „Едно општество за сите“, кое во Македонија е реалност, прифатлива за сите граѓани.

Истовремено, премиерот Заев го образложи и Амандманот 35, каде во членот 3, се внесува реченицата „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“ и подвлече дека со тоа се дава гаранција на нашиот сосед Грција дека ние сме пријателски народ.

На јавната расправа говореа и ректорот на Универзитетот ФОН, проф. д-р. Нано Ружин и проф. д-р. Темелко Ристевски. Ружин, искажувајќи поддршка за процесот на уставните измени, говореше за потребата од истакнување на големата улога на потпишувањето на Договорите со Бугарија и Грција, како знак на пријателство и добрососедство кои обезбедуваат и стабилизација во регионот и отвораат пат на Македонија кон НАТО и ЕУ. Ристевски, пак, презентираше предлог во Амандманот 36, во точка 3 која вели „Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство“, да се додадат и зборовите „и за припадниците на албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и припадниците на други народи кои имаат македонско државјанство и живеат во странство”.

Премиерот Заев одговарајќи на прашања во врска со менувањето на личните документи по успешното имплементирање на Договорот со Грција, рече дека замената ќе се врши постепено, кога ќе им престане важноста на документите.

Тој укажа дека не треба да постојат грижи за идентитетот бидејќи “во договорот со Грција има признание на македонскиот јазик, на нашето самоопределување”.

-Нема да бидеме северномакедонци, а нема да го носиме ни срамот на ФИРОМ-ци, треба да размислиме и што ќе им оставиме на нашите деца – рече Заев.

Меѓу учесниците се слушнаа и предлози за внесување во личните документи и на припадноста на етничката заедница, освен изјаснувањето за државјанство.

Последните две јавни дебати се закажани за в понеделник во Штип и во Тетово.