Уставните измени во финална фаза пред пратениците, двотретинското мнозинство ќе се знае на денот на гласањето

Уставните измени во третата и последна фаза се на дневен ред на денешното продолжение на собраниската седница, откако вчера со 78 гласови „за“ беше усвоен дневниот ред на 75. седница, на кој, меѓу другото, се и предлог-амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, како и предлог-уставниот закон за прогласување на амандманите.

За завршувањето на третата и последна фаза од уставните измени, кои произлегоа од Договорот од Преспа е потребно двотретинско мнозинство, кое премиерот Зоран Заев се обидува да го обезбеди, а за кое вели дека ќе се знае дали го има на денот на гласањето.

Секој амандман се утврдува со обично мнозинство, потоа се отвора општиот претрес, па претресот по текстови и секој амандман поединечно се гласа со двотретинско мнозинство. Потоа се гласа за сите амандмани заедно со двотретинско мнозинство и на крајот се отвора уставниот закон, за чие усвојување исто така е потребно двотретинско мнозинство.

Заев вчера преговараше со Беса на Биљал Касами во врска со нивните барања во однос на амандманите, а претходно беа прифатени дел од барањата на Алијансата на Албанците на Зијадин Села.

Заев во интервју за Сител вчера рече дека двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени се уште нема и додаде дека тоа ќе се знае на самиот чин на гласање. Нагласи дека барањата на Алијансата на Албанците биле од технички аспект и тие се прифатени, а во однос на останатите барања, за кои се разговара, појасни дека се бара најдоброто решение за граѓаните од албанско етничко потекло.

-Во однос на останатиот дел за кој се разговара апсолутно се бара решение, затоа што во државјанството пишува македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, да не бидат номинирани како Македонци оти се Албанци, а сепак се граѓани на Република Северна Македонија или досега Република Македонија. Во една ваква констелација верувам дека ќе изнајдеме решение, тука се бара начинот, истакна Заев.

Седницата денеска ќе почне во 13 часот, како што најави вчера претседателот на Собранието Талат Џафери, по експозето на Заев пред пратенците во врска со последната фаза од уставните измени, во кое побара позитивна одлука, која ја нарече историска и можност за подобар живот за сите граѓани на Република Македонија.