Притвор за вработениот во охридската противпожарна служба, кој физички нападна неколку колеги

Четириесетгодишен маж, вработен во охридската противпожарна служба, утринава влегол во просториите на службата и физички нападнал повеќе свои колеги, соопштија од охридското ОЈО.

Тој е осомничен и дека извршил неколку кривични дела. Најпрвин, кога влегол во просториите на Територијалната противпожарна единица во Охрид, тој со дрвен стап нападнал свој колега удирајќи го во пределот на главата притоа нанесувајќи му тешки телесни повреди. Кога го нападнал првиот колега, мажот продолжил да се движи кон дворот на противпожарната служба и се сретнал со друг колега кого исто така го нападнал, но со удари. Од силните удари неговиот втор колега паднал на снегот по што 40-годишниот маж упорно продолжил со клоци да му нанесува повреди по телото, соопштија од ОЈО.

 

По нападот, како што додаваат од Обвинителството, осомничениот ги напуштил просториите на противпожарната служба, но неколку часа подоцна тој се јавил и на службениот телефонски број 193 и телефонски им се заканувал на колегите.

 

„Поради стореното, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид донесе наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кого постои основано сомнение дека сторил кривични дела тешка телесна повреда од член 131, став 3 во врска со став 1, насилство од член 386, став 3 во врска со став 3 и загрозување на сигурноста од член 144, став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Јавниот обвинител ценеше дека постојат опасности осомниченото лице да го повтори кривичното дело, да се даде во бегство и да влијае врз сведоците поради што до судија на претходна постапка во Основниот суд Охрид достави и предлог за определување на мерката притвор“, се наведува во соопштението на Обивнителството.