Уставните измени поминаа во Собранието, на потег грчкиот Парламент

Македонското Собрание вчера ги усвои уставните измени, кои произлегуваат од Договорот со Грција за решавање на спорот за името, со што македонската страна ја исполни својата обврска од договореното, а сега на потег е грчкиот Парламент да го ратификува Договорот, со што ќе се отвори патот за интегрирање на земјава во ЕУ и НАТО.
 

Пратениците со двотретинско мнозинство од 81 пратеник вчера во рамки на 75. седница ги донесоа амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, а потоа и ги прогласија. Усвоен и прогласен е и Уставниот закон за спроведување на амандманите.

Седницата почна во средата на 9 јануари, но беше неколку пати презакажувана поради барањата на Беса на Биљал Касами за интевенирање во амандманите во делот на дефинирањето на државјанството и дијаспората. Договор беше постигнат за дел од барањата на Беса, откако претходно беа прифатени и дел од барањата на Алијансата на Албанците на Зијадин Села, со што беше обезбедено потребното двотретинско мнозинство за третата фаза од измените на Уставот.

Македонија согласно договореното ќе се преименува во Република Северна Македонија, а државјанството останува македонско/државјанин на Република Северна Македонија, но тука е прифатен амандман на Уставниот закон, на Беса, со кој се појаснува како ќе гласи за граѓаните Албанци на албански јазик и ќе се утврди во сите закони каде што е тоа потребно.

Со амандманот XXXIII во Уставот зборовите „Република Македонија" се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија", а зборот „Македонија" се заменува со зборовите „Северна Македонија", освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.

Амандманот XXXIV предвидува во Преамбулата на Уставот на Република Македонија да се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници", „одлуките на АСНОМ" се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ", по зборот „година" се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор", а се бришат зборовите „одлучија да". Тука е прифатено барањето на Алијансата на Албанците – Преамбулата на Уставот ќе гласи „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите".

Амандманот XXXV гласи „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави". Со овој амандман се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.